Од Европската унија се бара сериозно да размисли за синтетичките горива, кои може да бидат спасот за бензинските и дизел мотори

Со стандардот за издувни гасови Еуро 7 во 2025 година, целата автомобилска индустрија се соочува со голема неизвесност. На многумина нема да им исплаќа производството на бензински и дизел модели, а во прашање се и малите градски автомобили, кои се најпристапни за повеќето Европејци. Десетици илјади работни места во автомобилската индустрија ќе бидат изгубени.

На оваа „совршена бура“, која може да зафати голем дел од автомобилската индустрија, предупредува претседателот на работничкиот совет на BMW, Манфред Шох, на форумот за автомобилски клуб Mobil во Германија:

“Ќе доживееме невработеност на незамисливи нивоа. Ако политичарите инсистираат на тоа, нема да биде добро“, вели тој.

Намалувањето на бројот на модели (и преминувањето кон електрични возила) ќе влијае на бројот на вработени во автомобилската индустрија, а доставувачите на делови ќе бидат особено погодени. Шох вели дека луѓето се заборавени во грижата за климатските промени. На форумот се слушна идејата дека германското Министерство за животна средина смета дека оваа норма е неизводлива. Од Европската унија се бара сериозно да размисли за синтетичките горива, кои можат да бидат спас за бензинските и дизел модели, а исто така да понудат и одржлива подвижност, односно помала емисија на штетни гасови.

На крајот, заклучокот е очигледен – електричните автомобили се прескапи и многумина нема да можат да си го дозволат тој луксуз.