Пред претседателската палата во Анкара беше претставен првиот турски самовозечки електричен автобус, произведен од компанијата Karsan Atak Electric

На презентацијата присуствуваше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Возилото е долго 8,3 метри и има капацитет за повеќе од 50 патници. Има батерија од 220 киловат часови, што му овозможува автономија од 300 километри со едно полнење.

Се тврди дека сензорите и другата вградена технологија во автобусот ги идентификуваат подвижните и недвижни предмети многу попрецизно отколку човечките сетила. Ова вклучува контрола на состојбата на патот, реакција на пречките, кога да се сврти или да се престрои во друга лентата.

Покрај тоа, можно е однапред да се одреди трасата на движење на возилото, чие масовно производство веќе започна.

Меѓу другото, Ердоган порача дека се работи за производ што добро ќе ја промовира државата. Во меѓувреме, компанијата почна со тестирање на својот автономен автобус, пренесуваат турските медиуми.