Листа на глоби за сообраќајни прекршоци 2021
Со најновите измени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата од 18.12.2020 година, направени се измени и дополнувања со кои дел од глобите се намалени, а се укинуваат и негативните поени
Пропуштање пешаци на пешачки премин
Возачот е должен да обрне внимание на пешаците кои се наоѓаат на коловозот или кои започнале да чекорат по коловозот. Кога приоѓа кон обележан пешачки премин, возачот е должен да управува со возилото и да вози со таква брзина што овозможува во случај на потреба да го запре возилото пред пешачкиот премин.На делот од патот по кој се движат деца или се поставени сообраќајни знаци за учество на деца во сообраќајот, возачот е должен да вози со особена претпазливост и со таква брзина што ќе овозможи да го запре возилото во случај на потреба. Предвидена е глоба во износ од 200 евра во денарска противвредност.
Сигурносен појас
Возачот на моторно возило во кое се вградени сигурносни појаси и лицата кои се превезуваат со тоа возило, се должни да бидат врзани со тие појаси на начин утврден од производителот на возилото, за време додека возилото се движи во сообраќајот на пат. Во спротивно предвидена е глоба во износ 40 евра во денарска. За лицата кои се превезуваат во возилото, а не носат сигурносен појас пресдвидена е глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност.
Користење на мобилен телефон
Возачот на моторно возило, за време на управувањето со возилото не смее да користи мобилен телефон, ниту други уреди на начин кој би ја намалил можноста за реагирање и сигурно управување со моторното возило. По исклучок, мобилен телефон и други уреди можат да се користат за време на управување со моторно возило, ако притоа се употребува направа која овозможува нивно користење без употреба на раце. Во спротивно предвидена е глоба во износ од 40 евра во денарска противвредност.
Попречување на возачот
Лицето кое се превезува со возилото не смее да го попречува возачот на начин кој би го намалил неговото внимание и можноста за реагирање и сигурно управување со моторното возило, во спротивно е предвидена глоба од 50 евра во денарска противвредност.
Намалена брзина на движење
Возачот не смее да ја намали брзината на движењето на возилото до таа мера што неговото возило претставува пречка за нормалното одвивање на сообраќајот. Предвидена е глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност.
Зголемена брзина во населено место
На јавен пат во населено место, возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од 50 километри/час, односно со брзина поголема од брзината дозволена со поставениот сообраќаен знак за целото населено место или за негов дел.
Глоба во износ од:
- 400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече, на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема од 50 km/h над дозволената брзина. Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување на моторно возило од шест до 12 месеци.
- 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема од 30 до 50 km/h, над дозволената брзина. Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување на моторно возило од три до 12 месеци.
- 45 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема од 10 до 30 km/h над дозволената брзина
- 10 евра во денарска противвредност ќе му се изрече, на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема до 10 km/h над дозволената брзина.
Зголемена брзина надвор од населеното место
На јавен пат надвор од населено место, возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од:
- 130 km/h на автопат;
- 110 km/h на пат резервиран за сообраќај на моторни возила и
- 90 km/h на други патишта.
Предвидени глоби од:
- 400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој надвор од населено место се движи со брзина поголема од 70 km/h над дозволената брзина.Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување на моторно возило од шест до 12 месеци.
- 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој надвор од населено место се движи со брзина поголема од 50 до 70 km/h над дозволената брзина.Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување на моторно возило од три до 12 месеци.
- 45 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој надвор од населено место се движи со брзина поголема од 30 до 50 km/h над дозволената брзина.
- 20 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возач кој надвор од населено место се движи со брзина поголема до 30 km/h над дозволената брзина.
Свртување
Возачот на возило што свртува надесно, е должен свртувањето да го изврши движејќи се по крајната сообраќајна лента што се протега покрај десниот раб на коловозот, освен ако со сообраќаен знак на патот поинаку не е определено. Возачот на возило што свртува надесно, е должен да го пропушти возилото кое се движи од неговата десна страна по сообраќајната лента наменета за возила кои вршат јавен превоз на патници.
Возачот на возилото што свртува налево е должен свртувањето да го изврши движејќи се по крајната лева сообраќајна лента што се протега покрај средишната линија и покрај замислениот или обележаниот лак што ги соединува двете средишни линии на страничните коловози, односно по сообраќајната лента што се протега покрај левиот раб на патот со еднонасочен сообраќај, освен ако со сообраќаен знак на патот не е поинаку определено. Предвидена е глоба во износ од 30 евра во денарска противвредност.
Првенство на минување
На крстосница на патишта од иста важност или во пресрет со друго возило, возачот е должен да го пропушти возилото што наидува од неговата десна страна. Возачот на возило кој на крстосница свртува налево, е должен да го пропушти возилото кое доаѓајќи од спротивната насока, на крстосницата го задржува правецот на своето движење или свртува надесно, освен ако со поставенот сообраќаен знак поинаку не е определено. Возачот е должен да ги пропушти сите возила што се движат по патот на кој влегува тој и кога не е означен со сообраќаен знак како пат со првенство на минување, ако со возилото влегува од земјен пат, макадамски пат на патот со коловозна постилка или ако на пат влегува од површина која не е наменета за динамичен сообраќај.
Возачот кој при свртувањето на возилото пресекува велосипедска патека или лента, е должен да ги пропушти велосипедите, велосипедите со помошен мотор, мопедите, трициклите и лесните четирицикли што се движат по велосипедската патека или лента. Во спротивно е предвидена глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност.
Сообраќај на крстосница
Возачот кој се приближува до крстосница, е должен да вози со зголемена претпазливост која им одговара на условите на сообраќајот на крстосницата. Возачот кој се приближува до крстосница, е должен да вози со брзина која овозможува да запре и да ги пропушти возилата што на крстосницата имаат првенство на минување. Возачот е должен на доволна оддалеченост пред крстосницата со возилото да заземе положба на онаа сообраќајна лента по која задолжително треба да помине низ крстосницата. Во спротивно е предвидена глоба во износ од 35 евра во денарска противвредност.
На крстосница и на друго место на кое сообраќајот е посебно регулиран со уреди за давање светлосни сообраќајни знаци, при непочитување на истите е предвидена глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност, додека за пешаци глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност.
Престигнување и обиколување
Престигнување и обиколување возачот смее да врши само ако тоа не го попречува нормалното движење на возилата што доаѓаат од спротивната насока и ако на патот има доволно простор за безбедно изведување на тие дејствија. Возачот не смее да врши престигнување и обиколување, кога со тоа, со оглед на карактеристиките во сообраќајот и на постојните околности на патот и во сообраќајот или со оглед на техничките својства на возилото со кое управува, ги загрозува другите учесници во сообраќајот. (Во спротивно е предвидена глоба во износ од 150 евра во денарска противредност)
Престигнување и обиколување се врши од левата страна. Престигнувањето се врши од десната страна, ако возилото на коловозот зазело таква положба и неговиот возач дава таков знак од што може сигурно да се заклучи дека тоа возило свртува налево. Во спротивно е предвидена глоба во износ од 150 евра во денарска противвредност.
Возачот не смее да престигнува друго возило кое се приближува кон обележан пешачки премин, кое преминува пешачки премин или кое застанало заради пропуштање на пешаци на тој премин. (Во спротивно е предвидена глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност. Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување на моторно возило од три до 12 месеци).
Звучни и светлосни сигнали за предупредување
Возачот е должен да употреби звучен знак за предупредување кога тоа го бараат причините на безбедност на сообраќајот. Звучниот знак за предупредување не смее да се состои од низа тонови од различен интензитет при што возачот е должен давањето на звучен знак за предупредување да го сведе на неопходна мера. Во спротивно е предвидена глоба во износ од 15 евра во денарска противвредност.
Запирање и паркирање
Возачот односно сопственикот на возилото не смее да го запре или паркира возилото на место на кое тоа би ја загрозувало безбедноста на другите учесници во сообраќајот или би претставувало пречка за нормално одвивање на сообраќајот или за движењето на пешаците и велосипедистите. На јавен пат, на места односно на простор наменет за запирање и паркирање на возила, како и на посебно уредена сообраќајна површина наменета за движење на пешаци и велосипедисти, забрането е да се остават возила кои заради оштетеност односно дотраеност, не се употребуваат во сообраќајот (хаварисани, напуштени возила, камп приколки и слично), како и други предмети со кои се попречува одвивањето на сообраќајот и се загрозува животната средина.
Предвидена е глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност.
Употреба на светла во сообраќајот
Во сообраќај на пат, дење и ноќе, за време на управување со возилото, возачот на возилото задолжително треба да ги има запалено најмалку соборените светла за осветлување на патот.
Обврската не се однесува за возачите на запрежни возила, велосипедистите и возачите на електрични тротинети кога запрежното возило, велосипедот односно електричниот тротинет го управуваат дење, освен во услови на намалена видливост.
Предвидена е глоба од 15 евра дење, 35 евра ноќе во денарска противвредност.
На велосипедот задолжително треба да има светло во бела боја на предната страна, како и катадиоптeр со црвена боја или рефлектирачка лента на задната страна и по еден катадиоптер со жолта или портокалова боја на секоја страна. Предвидена е глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност.На електричниот тротинет задолжително треба да има светло во бела боја на предната страна и светло со црвена боја на задната страна
Растојание помеѓу возилата
Возачот е должен да го управува возилото на оддалеченост од другите возила што учествуваат во сообраќајот, која одговара на брзината на движењето на возилото и другите околности на сообраќајот, при што со таа оддалеченост од другите возила не предизвикува опасност и не ги попречува другите возачи.(Во спротивно е предвидена глоба во износ од 35 евра во денарска противвредност.
Сообраќај на велосипеди, на велосипеди со помошен мотор
Возачот на велосипед и на велосипед со помошен мотор, мопед е должен да се движи што поблиску до десниот раб на коловозот, а ако постои велосипедска патека – по велосипедската патека односно лента. Ако двајца или повеќе возачи на велосипед и на велосипед со помошен мотор, мопед се движат во група се должни да се движат еден по друг. Ако на патот постои посебно уредена велосипедска патека, возачот на велосипед и на велосипед со помошен мотор, мопед се движи по десната велосипедска патека во однос на правецот на движењето на сообраќајот. Предвидена е глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност .
Возачот на велосипед, на велосипед со помошен мотор, на мопед, на мотоцикл, трицикл, лесен четирицикл и на четирицикл, е должен да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото и не се попречуваат другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото или да ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот.Во спротивно предвидена е глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност.
Возачот и лицата кои се превезуваат со велосипед со помошен мотор, мопед, мотоцикл, трицикл, лесен четрицикл и четирицикл задолжително носат заштитен шлем на главата за време на возењето на патот. Во спротивно предвидена е глоба од 50 евра во денарска противвредност
Возачот и лицата кои се превезуваат со велосипед, треба (не е задолжително) да носат заштитен шлем на главата за време на возењето на патот. Возачот и лицата кои се превезуваат со велосипед ноќе и во услови на намалена видливост треба (не е задолжително) да носат рефлектирачки елек за време на возењето на патот.
Движење на пешаци
Пешакот, по правило, не смее да се движи и да се задржува на коловозот. Ако пешакот се движи по коловозот, тој задолжително треба да се движи што поблиску до работ на коловозот и тоа мошне внимателно и на начин на кој не го попречува или не го спречува сообраќајот на возилата. Во спротивно е предвидена глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност.
Пешакот што е со намера да премине преку коловозот на место каде што не постои обележан пешачки премин, не смее да стапи на коловозот ако со тоа го попречува сообраќајот на возилата. Во спротивно е предвидена глоба во износ од 30 евра во денарска противвредност.
На обележан пешачки премин на кој сообраќајот на пешаците е регулиран со светлосни сообраќајни знаци за пешаци, пешакот е должен да постапува според тие знаци. Во спротивно е pредвидена е глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност.
Обврска на возачите кон пешаците
Ако сообраќајот на обележан пешачки премин е регулиран со светлосни сообраќајни знаци или со знаци што ги дава полициски службеник, возачот е должен своето возило да го запре пред пешачкиот премин кога со дадениот знак му е забрането минување, а ако на таков премин со дадениот знак му е дозволено минување – возачот не смее да го попречува минувањето на пешаците кои веќе стапиле на пешачкиот премин. Ако обележаниот пешачки премин , се наоѓа на влезот на страничен пат, возачот кој свртува на тој пат е должен свртувањето да го врши со намалена брзина и да ги пропушти пешаците кои веќе стапиле или кои стапуваат на пешачкиот премин, а по потреба и да го запре своето возило. Во спротивно е предвидена глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност. Покрај утврдената глоба на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување со моторно возило од три до 12 месеци.
Управување со возила
Со моторно возило во сообраќајот на патот самостојно може да управува само лице кое има важечка возачка дозвола издадена во Република Македонија, странска возачка дозвола или меѓународна возачка дозвола, во која е впишана категоријата во која припаѓа моторното возило. Во спротивно е предвидена глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност за лицето кое управува возило без важечка дозвола. Со моторно возило во сообраќајот на патот не смее да управува возач на кој му е истечен рокот на важноста на возачката дозвола за што е предвидена глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност
- Возачот не смее да управува со возило во сообраќајот на патот, ниту да започне да управува со возило ако е под дејство на опојни дроги или психотропни супстанци. (Предвидена глоба во износ од 400 евра во денарска противвредност). Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување на моторно возило од шест до 12 месеца.
- Возачот не смее да управува со возило во сообраќајот на патот, ниту да започне да управува со возило ако е под дејство на алкохол и тоа со:
- Глоба во износ од 225 евра во денарска противвредност на возачот кај кој ќе се утврди содржина на алкохол во крвта од 0,51 г/кг. до 1,00 г/кг. Покрај утврдениот износ на глоба на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од три до шест месеци, под услови и начин утврдени со закон.
- Глоба во износ од 275 евра во денарска противвредност на возачот кај кој ќе се утврди содржина на алкохол во крвта од 1,01 г/кг до 1,50 г/кг. Покрај утврдениот износ на глоба на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од шест до девет месеца под услови и начин утврдени со закон.
- Глоба во износ од 325 евра во денарска противвредност на возачот кај кој ќе се утврди содржина на алкохол во крвта од 1,51 г/кг до 2,00 г/кг. Покрај утврдениот износ на глоба на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од девет до 12 месеца, под услови и начин утврдени со закон.
- Глоба во износ од 375 евра во денарска противвредност на возачот кај кој ќе се утврди содржина на алкохол во крвта од 2,01 г/кг и повеќе. Покрај утврдениот износ на глоба на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од 12 месеца, под услови и начин утврдени со закон.
Возач почетник
Возач – почетник кој поседува возачка дозвола од категориите ,,А1“, „А2“, ,,А“, ,,Б“, ,,Ц1“ и „Ц“ не смее да управува со возило со брзина поголема од 60 km/h на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 km/h на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, односно со брзина поголема од 100 km/h на автопат, а со велосипед со мотор повеќе од 40 km/h, ниту смее со возилото да влече приклучно возило или да врши организиран превоз на деца, во рок од две години од денот на издавање на возачката дозвола. Исто така Возач-почетник на моторно возило, не смее да управува возило во патниот сообраќај во времето од 23,00 часот до 5,00 часот, освен ако со него во возилото на предното седиште се наоѓа лице-возач, од соодветната категорија и постаро од 25 години, на кое не му е изрекувана прекршочна санкција забрана на управување со моторно возило. Возачот почетник кој поседува возачка дозвола од ,,Б” категорија не смее да управува со возило чија сила на моторот е поголема од 77 киловати. Во спротивно е предвидена глоба од 200 евра во денарска противвредност.
Глоба во износ од 200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возач почетник ако во организмот има алкохол или ако покажува знаци на алкохолна растроеност, односно кај кој ќе се утврди содржина на алкохол во крвта од 0,10 г/кг до 0,50 г/кг. Покрај утврдениот износ на глобата, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од три месеца.
Посебно детско седиште
Во патнички автомобил на задното седиште, смее да се превезува дете помало од пет години, во поставено посебно детско седиште кое за седиштето од возилото е прицврстено со сигурносен појас или на друг соодветен начин. Во спротивно предвидена е глоба од од 35 евра во денарска противвредност.