Honda во Европа се откажува од погонските единици без електрична асистенција
Крај за моделите на Honda на Стариот континент, кои користат исклучиво агрегати со внатрешно согорување, веќе во 2022 година
Од тогаш јапонската марка во Европа ќе продава само хибридни и електрични автомобили. Ќе речете ништо ново. Да, освен што се поместува датата за реализација на овие најави. Првично како целна година за заокружување на намерите за електрификација беше 2025 година, но очигледно поинаквиот развој во Европа ги принудува Јапонците да ги забрзаат своите планови.
За разлика од конкуренцијата овде, се чини дека повеќето јапонски брендови се многу добро подготвени за премин кон електрифицирани автомобили. Особено Honda, која има голем број хибридни возила во својата гама, па дури и еден електричен адут.
Моделите Jazz и CR-V веќе имаат хибридни изданија, а така ќе биде и со новитетите. Идните генерации на моделите HR-V и Civic ќе имаат хибридни верзии и сосема е реално да се очекува дека тие нема да бидат достапни во Европа во каква било друга форма освен хибридна. Покрај електричната Honda e, јапонската марка веќе потврди дека планира уште еден BEV модел. Досега нема информации за тоа кога точно може да се најде на пазарот.