Студија: Трошоците за производство на електрични автомобили и оние со класичен мотор ќе се изедначат веќе во 2024 година
Електрификацијата зема замав и ако овие предвидувања навистина се остварат, тогаш масовната транзиција кон EV технологијата ќе се случи значително порано отколку што се сметаше
Студија спроведена од инвестициската банка UBS укажува на тоа дека производството на просечен електричен автомобил ќе биде поскапо за 1.900 долари во споредба со конвенционалниот веќе во 2022 година, така што разликата ќе се „стопи“ до 2024 година.
UBS дошол до овој заклучок со анализа на намалените трошоци на седум производители на батерии. Аналитичарите се фокусирале на батериите бидејќи тие сочинуваат помеѓу 20 и 25% од вкупните трошоци за производство на електричен автомобил. Инвестициската банка посочува дека очекува до 2022 година цената за производството на батерии по kWh да биде пониска од 100 американски долари.
Покрај тоа, тие наведуваат дека електричните модели ќе имаат удел од 17% во глобалната продажба на автомобили до 2025 година, а дека уделот ќе се искачи на дури 40% до 2030 година.
Еден од аналитичарите на UBS, Тим Буш, е убеден дека електричните автомобили брзо ќе ја преземат „власта“ по 2025 година.
„После таа година, нема да има многу причини да се купи автомобил со мотор со внатрешно согорување“, вели Буш.
Тој додава дека падот на цената на производството на батерии нема да биде последниот „клинец во ковчегот“ на SUS возилата, но дека тоа ќе биде и смртна казна за хибридните модели.
Значи, ако се остварат предвидувањата на UBS банка, очекуваме брза транзиција кон електрични возила. Сепак, очигледно е дека EV сегментот и сега значително расте во Европа, додека Кина сè уште го има главниот збор кога станува збор за електрификација.
Независниот аналитичар, Матијас Шмит, вели дека во септември, околу 90.000 електрични автомобили биле продадени на западноевропскиот пазар (каде се вклучени земји кои биле членки на ЕУ пред 2004 година и земјите од организацијата ЕФТА). Шмит посочува дека во текот на третиот квартал биле испорачани скоро 200.000 EV примероци во овој регион.
Исто така, овој независен аналитичар предвидува дека повеќе од еден милион возила со батерии (вклучително и plug-in хибриди) ќе бидат продадени во Европската унија оваа година, од вкупно 11 милиони автомобили за кои верува дека ќе бидат продадени во текот на 2020 година.