Велосипедисти против несовесни возачи на автомобили
Ги снимаат и ги пријавуваат во полиција сите оние што користат мобилен телефон!
Наводно, само во Лондон, на патиштата има илјадници велосипедисти со камери кои испраќаат снимки до полицијата
Приказната се темели на кажувањата на извесен Мајк ван Ерп кој живее во Велика Британија и го загубил својот татко во сообраќајна несреќа. Тој бил усмртен од возач кој користел мобилен телефон додека требал да ги следи патот и сообраќајот. Токму затоа, Ерп веќе неколку години ги следи возачите на автомобили и ги снима со камера, монтирана на неговата заштитна кацига. Кога ќе види возач со мобилен телефон во раката, тој ги запира, разговара со нив, но и снимката ја качува на полицискиот портал. Потоа полицијата ги казнува возачите.
Најпознатата жртва на Мајк ван Ерп е славниот режисер Гај Ричи, кој останал без возачка дозвола шест месеци заради употреба на мобилен телефон додека возел.
Според зборовите на Мајк ван Ерп, воопшто не му е лесно затоа што добил дури и неколку смртни закани, но тој вели:
„Немам намера да се откажам, безбедноста во сообраќајот е мојот единствен интерес. Но, само во Лондон има илјадници велосипедисти со камери на патиштата и многумина се поактивни од мене“.