Германскиот бренд продолжува со претставувањето на нови варијанти од 992 генерацијата на легендарната 911-ка

По моделот Turbo Ѕ, на ред дојде и стандардната Turbo верзија, која во однос на споменатата Ѕ верзија има 68 КС помалку и значително пониска цена. Во семејството 911, верзијата Turbo е позиционирана помеѓу изданијата Turbo Ѕ и Carrera S. Стандардно доаѓа во две верзии – купе и кабриолет.

Под капакот на моторот се наоѓа twin-turbo boxer единица со шест цилиндри и зафатнина од 3,8 литри. Овој погон донесува 572 КС и 750 Nm, што на 911 Turbo му овозможува спринт до стотка за 2,8 секунди (2,9 секунди за кабриолет варијантата). Максималната брзина е ограничена на високи 320 km/h. Моќта се пренесува на сите тркала преку 8-степен автоматски менувач со двојна спојка.

Останатите разликите помеѓу 911 Turbo и 911 Turbo S се минимални. 

Внатрешноста на салонот е во традиционалниот дух на Porsche, без значителни промени.

Доколку некој сака својот 911 Turbo да го направи малку побрз, а со тоа и полесен, без да го купи поскапиот Turbo Ѕ, Porsche го нуди таканаречениот Lightweight пакет, кој овозможува помала маса за варијантата Turbo. Ова се постигнува со отстранување на задните седишта, но и дел од звучната изолација, така што на крајот се добива заштеда од 30 килограми во маса.