Уште една жртва на пандемијата: откажан Goodwood Festival Of Speed
Традиционалниот автомобилски настан се одржува секоја година на почетокот од летото во Гудвуд, Англија
По откажувањето на големите меѓународни саеми за автомобили во Детроит, Њујорк и Женева, сега доаѓа и веста дека годинава нема да се оджи познатиот „Фестивал на брзина“ во Гудвуд (Goodwood Festival Of Speed).
Иако настанот првично беше планирано да се одложи до крајот на летото или почетокот на есента, организаторите очигледно сфатиле дека сепак нема да можат да го одржат фестивалот оваа година заради пропишаните мерки за физичко растојание во Велика Британија.
„Гудвуд отсекогаш беше горд со организацијата на најдобрите можни настани, а со мерките потребни за борба против вирусот, кои остануваат на сила, не би било можно да се одржи годинашниот Фестивал на начин на кој ќе уживаат сите учесници и посетители“, велат организаторите.
Со откажувањето на овогодинешното издание во Гудвуд, организаторите навлегуваат во тешка финансиска состојба, со оглед дека нема да има приход од учесниците и од публиката.
Затоа организацијата апелира до фановите на „Фестивалот“ да помогнат со финансиски придонеси за да се надмине кризата во која ќе се најдат заради пандемијата на коронавирус.
Посетителите кои веќе купиле билети за оваа година, ќе можат да ги вратат и да добија поврат на своите пари или да ги користат следната година.