ЕК најавува казни за производителите

Агенцијата за заштита на животната средина на Европската унија објави нови податоци кои покажуваат дека просечната емисија на CO2 на новите автомобили регистрирани во ЕУ и Велика Британија во 2018 година се зголемила втора година по ред, достигнувајќи 120,8 g/km, што претставува зголемување од 2 грама .

Производителите на автомобили сега се предупредуваат дека мора да ги засилат своите напори за исполнување на строгите цели во врска со штетните емисии или да се соочат со високи казни. Целта е да се намалат емисиите за 27 проценти во однос на нивото во 2018 година, при што целите за 2020 година се поставени во просек за 95 g/km за новите автомобили.

„Производителите ќе треба да ја подобрат економијата на својата флота и да ја забрзаат употребата на возила со нула и ниска емисија“, велат од Европската комисија.

Наводно, зголемувањето на просечната емисија на нови автомобили е предизвикано (претежно) од преоѓањето од дизел на бензински горива, а учеството на дизел флотата е намалено за 9 проценти, пренесува Autonews Europe. Уште во 2018 година, 60 проценти од новите автомобили биле на бензински погон, додека дизелите учествувале со 36 проценти.

На оваа промена на емисиите влијание имаат и трендовите кога станува збор за избор на модел на автомобил кај европските клиенти, односно се поголемиот број на SUV модели по европските патишта.

„Новите регистрации на автомобили со ниска емисија се зголемија во 2018 година, но претставуваат само околу 2 проценти од новите регистрации на автомобили, наспроти 1,5 проценти во 2017 година“, додава Комисијата.

Намалувањето на емисијата на CO2 е еден од најголемите предизвици за ЕУ. Унијата сака да стане климатски неутрална до 2050 година, како дел од нејзината амбициозна стратегија за Зелен договор, така што веќе се разгледуваат дури и построги цели за намалување на загадувањето од автомобилите.