Одложено доаѓањето на Ford Mustang Mach-E во Европа
Испораките на целосно електричниот модел Ford Mustang Mach-E за многу европски држави се одложени за 2021 година
Ford планираше овој електричен кросовер купе модел во Европа да дебитира подоцна оваа година. Сепак, во е-пораки испратени до оние што го нарачале автомобилот, се наведува дека, заради нарушувањата предизвикани од пандемијата на коронавирус, компанијата е принудена да ги одложи испораките за следната година. Потврда за ова доаѓа од членовите на Mach-E клубот од Велика Британија, Франција и Холандија кои последниве денови добиле електронска пошта со таква содржина.
Одложувањето не е изненадување бидејќи многу производители на автомобили доцнат со премиерите и испораките поради COVID-19. Што се однесува до клиентите во Соединетите држави, Ford неодамна соопшти дека испораките сè уште се планирани за оваа година, иако се сомневаат дека тоа ќе се случи пред четвртиот квартал.
Во меѓувреме, Ford работи на завршните детали за електричниот Mustang со ознака Mach-E. Пред неколку недели беше објавено дека батеријата на Mustang Mach-E ќе се полни околу 30% побрзо од претходно проценето време.
Поточно, верзијата со погон на задните тркала ќе може да достигне автономија од скоро 100 километри со само 10 минути полнење на станица за брза полнење. Моделот со погон на сите тркала со исто време на полнење ќе може да помине 94 километри.
Извор: Mach-E клуб, Carscoops