Организаторите на меѓународниот Салон за автомобили, чиј домаќин цели седум децении беше Франкфурт, донеле одлука во иднина истиот да се пресели во Баварија.

Здружението на германската автомобилска индустрија (VDA), кое го организира авто салонот во Франкфурт уште од 1951 година, го избрало Минхен за нов домаќин на ова меѓународно автомобилско шоу.

Во конкуренција за нова локација биле и Берлин и Хамбург, но одлуката сепак е донесена во корист на главниот град и најголемиот град на Баварија, во кој воедно е и седиштето на BMW.

Од VDA велат дека при изборот на нов град домаќин, пресудиле „атрактивните локации за организација на настани, одличната транспортна инфраструктура и експертиза за организирање на големи настани“.

Се чини дека врз одлуката силно влијание има и близината на некои од најважните производители на автомобили во Германија, како што е споменатиот BMW, но и Audi, чие седиште е во блискиот Инголштат.

Од BMW веднаш се огласија на Twitter:

Од VDA дополнуваат дека и во иднина овој Салон ќе биде повеќе од само салон за автомобили и ќе вклучува и други области и теми, како што се интелигентни сообраќајни решенија за „паметни градови“, технологии за вмрежување на возилата и слично.

Со оглед дека автомобилскиот саем во Франкфурт се одржуваше секоја втора година, наизменично со оној во Париз, првиот следен термин за Саемот за автомобили во Минхен е септември 2021 година. 

Иако договорот на Франкфурт со VDA е истечен, се верува дека тој не бил продолжен заради глобалниот тренд на намалeн јавен интерес за класични автомобилски ревии, што не го заобиколи ниту овој германски град.

Имено, последниве години, салонот во Франкфурт бележеше постојан пад на бријката на посетители. Така, во 2015 година, на овој настан присуствувале 931.000 луѓе, а во следната 2017 година салонот го посетиле 810.000 луѓе. Минатата година низ саемските хали поминале само 550.000 посетители.