Како ќе изгледа луксузниот руски SUV?
Продажбата на SUV моделот Aurus Komendant ќе започне во 2022 година
Моделот Aurus Komendant е уште еден од низата луксузни руски возила, чие создавање пред неколку години беше иницирано од претседателот Владимир Путин.
Прв модел кој ја здогледа светлината на денот беше продолжената претседателска лимузина, а потоа и луксузниот седан Aurus Senat. И двете возила имаат сличен дизајн, со предна маска што потсетува на моделите на Rolls-Royce.
Неодамна, на Интернет се појавија и првите „шпионски“ фотографии од маскираниот прототип на третиот модел, Aurus, Komendant SUV.
Предпродукцискиот автомобил е „фатен“ за време на тест возење во зимски услови и целосно беше камуфлиран.
Сепак, тоа беше доволно за да се направат шпекулативни рендери на ова возило на веб-страницата Kolesa.ru.
Со стилските детали од претходните два модела и силуетата на камуфлираниот SUV, независниот дизајнер успеал со користење на софтвер за обработка на фотографии да ни покаже како ќе изгледа последната производна верзија на Aurus Komendant.
Луксузниот SUV ќе ја користи истата механичка платформа и погон како и седанот Aurus Senat, што значи дека под капакот на моторот ќе се најде хибридниот 4.4-литарски V8 бензинец со 590 КС и 880 Nm. Моќноста на сите четири тркала ќе се пренесува преку 9-степен автоматски менувач.
Aurus Komendant се очекува да дебитира во 2021 година, а продажбата да започне една година подоцна.