Интересно: Расте бројот на жртви предизвикани од бавни возачи
Ова веднаш може да се постави во некоја рубрика од типот „верувале или не“, но податоците говорат дека има сè повеќе жртви во несреќи предизвикани од бавни возачи
Според пишувањето на Daily Star, а темелено на бројки од британското Министерство за транспорт за минатата година, во сообраќајни незгоди предизвикани од бавни возачи, сериозно биле повредени 26 возачи, а двајца загинале. При тоа имало 132 лесно повредени учесници во несреќи од истата причина.
„Не сум изненаден од овие загрижувачки статистики. Возењето премногу бавно е во основа себично и глупаво, но и рецепт за катастрофа”, вели Хју Бладон, основач на британското здружение на возачи, нагласувајќи дека бавното возење предизвикува фрустрација за другите возачи, што може да предизвика опасни маневри како небезбедно претекнување.
Се претпоставува дека оние кои многу под дозволената граница ги предизвикуваат другите учесници во сообраќајот да возат на помало растојание, на претекнување, па дури и насилство на патот. Бавните возачи што возат под границата во Велика Британија се казнуваат со глоба од 100 фунти и три казнени поени. Во Македонија казната изнесува 35 евра во денарска против вредност и 20 негативни поени.
„(Став 3, Член 53) Ако заради недоволната ширина на коловозот или неговата состојба не е можно престигнување без загрозување на сообраќајот, возачот на возилото што се движи побавно од возилата што се движат непосредно зад него, е должен да го помести своето возило што повеќе надесно, а ако тоа не е доволно, да го запре своето возило на погодно место што ќе овозможи пропуштање на побрзите возила. Мандатен платен налог со глоба во износ од 35 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 20 негативни бода согласно со одредбите од овој закон, на возачот кој постапува спротивно на одредбата од ставот (3) на овој член“.