Некои трендови во автомобилската индустрија не се менуваат

Зборовите на Хенри Форд сè уште се паметат: „Секој клиент може да ја добие саканата боја, сè додека е црна“. Се чини дека малку се сменило од времето на Хенри Форд, така што во 2020 година, потрошувачите сè уште претпочитаат бои како црна и бела, и онаа помеѓу – сива.

По 68-ми пат, компанијата Axalta подготвила извештај за најчесто избраните бои за нови автомобили, овојпат за 2020 година. Барем што се однесува до врвот изненадување нема – белата боја десетта година по ред е најбирана.

Податоците на Axalta се од земјите каде се произведуваат возила. Оваа година, белите автомобили сочинуваат 38% од вкупниот број испорачани миленици на четири тркала, 19% се црни возила, а 15% сиви возила. Кога на овие три бои ќе се додаде сребрената, излегува дека 81% од продадените автомобили на глобално ниво биле со некоја од четирите наведени бои.

Дали изборот на бои зборува за желбите на клиентите или можеби за нешто друго? 

Како прво, не треба да се заборави дека огромен број модели во нивната основна верзија доаѓаат во бела или црна боја. Како второ, можеби наместо да плаќаат екстра за друга боја, потрошувачите претпочитаат да трошат пари на некој од новите, понапредни системи за безбедност.