10 предрасуди за електричните автомобили
Спротивно на некои, едноставно кажано, врежани мислења, постојат и факти во врска со автомобилите на струја
Денес, постои генерален консензус дека електричните автомобили се возила на иднината. Но, тие се развиваат толку брзо што веројатно ќе можеме да ги наречеме и возила на сегашноста. Сепак, постојат многу спротивставени мислења за нивната употребливост. Дали се оправдани?
Електричните автомобили немаат доволно автономија
Во просек, Американците поминуваат 60 километри на ден во автомобил, Европјаните дури двојно помалку. Ова значи дека електричните возила со мала автономија можат да ги задоволат дневните потреби. Меѓу ценовно најприфатливите се Nissan Leaf, кој може да помине до 250 километри со едно полнење, додека Chevrolet Bolt EV може да помине до 380. Електричниот Hyundai Kona е уште подобар со над 400 километри автономија со едно полнење.
Оние со подлабок џеб можат да се одлучат за најскапата верзија на Tesla Model 3, која има автономија од 500 километри или пак за поскапиот Model S кој може да помине до 540 километри до следното полнење. Tesla тврди дека новиот Roadster, кој на пазарот треба да се појави во 2020 година, ќе има автономија од околу 1.000 километри.
Електричните автомобили се бавни
Всушност, вистината е дека тие се побрзи од панданите со конвенционално напојување. Причината е сосема јасна, електричните мотори во момент испорачуваат максимален вртежен момент од 100%. Кога возачот на електричен автомобил ќе притисне на педалата за гас, преодот од мирување до стартување е речиси моментален.
Најпрестижната верзија на Tesla Model S, кога е во т.н. Ludicrous режим е еден од најбрзите сериски автомобили на денешницата, со спринт до стотка за само 2,6 секунди.
Електричните автомобили се премногу скапи
Иако се очекува дека цените на батериите драстично ќе паднат во годините што доаѓаат, електричните автомобили сега доаѓаат со повисоки цени во споредба со бензинските модели. Сепак, не треба да се заборави на бројните субвенции и стимулации кои не се мали во голем број на држави (најавени и кај нас). Исто така, електричните автомобили од втора рака се ценовно многу прифатливи, токму благодарение на ограничената побарувачка.
Електричните автомобили не се безбедни
Бидејќи, генерално, се произведуваат во мали серии, не сите ги поминале краш тестовите. Оние кои успеале во тоа добиле добри оценки.
Загриженоста од палење на батеријата, па дури и експлозија, докажано е претерана. Во неодамнешни темелни анализи, констатирано е дека можноста од палење или експлозија на литиум-јонските батерии е еднаква на пожар во конвенционалните возила, па дури и малку помала.
Електричните возила не се „позелени“ од бензинците
Електричните мотори конвертираат 75% од хемиската енергија од батериите и ја испраќаат до тркалата. За споредба, моторите со внатрешно согорување успеваат да претворат само 20 проценти од енергијата од бензинот во погонска сила. Покрај тоа, електричните автомобили не испуштаат издувни гасови. Да, има аргументи дека атмосферата и понатаму се контаминира индиректно преку фабриките кои произведуваат батерии.
Од оваа причина, електричните возила се најпогодни за области каде електричната енергија се генерира преку обновливи извори или барем поголемиот дел.
Возењето на струја нема да ви заштеди пари
Дури и ако во оваа равенка се внесат вредностите од Соединетите Американски Држави, каде што горивоот е многу поевтино, возењето на струја е сепак по исплатливо. На пример, американската EPA вели дека Hyundai Ioniq Electric споствениците ги чини 500 долари за 25.000 километри. Во период од пет години, се проценува (во САД) дека ова заштедува повеќе од 5.000 долари споредбено со возење на бензин.
Електричните автомобили се скапи за одржување и поправка
Напротив, тие се поевтини за одржување од автомобилите со мотори со внатрешно согорување. Електричните возила не бараат редовно менување на маслото и подесување, а тие исто така имаат многу помалку подвижни компоненти кои можат да се променат. Автомобилите на батерии користат едноставна еднофазна трансмисија и не им се потребни компоненти како свеќички, вентили, резервоар за гориво, издувен систем, квачило, ремени, катализатор …
Електричните автомобили не се практични се додека не се воспостави целосна инфраструктура во форма на јавни полначници
Повеќето полнења се вршат дома или на работа. Јавните полначници ги има се повеќе, што не е случај и во нашата држава.
Батериите не траат долго и на крајот ќе „цркнат“
Гаранцијата на батеријата изнесува најмалку осум години. Според достапните извештаи, батериите на Nissan Leaf во такси служба, и по 200.000 поминати километри, задржале 75 проценти од својот капацитет. Еден сопственик на Tesla има објавено дека дури 90 проценти од капацитетот на батеријата останале недопрени и по 320.000 поминати километри.
Кога ќе се искоритат, батериите може да се рециклираат и повторно да се користат вредни елементи од нив.
Електричните мрежи нема да може да издржат стотици илјади електрични возила
Според извештајот спроведен од страна на Navigant Research во САД, во сегашниот енергетски систем може да се приклучат милиони електрични возила без да се градат нови електрани. Ова во голема мера се должи на фактот што повеќето електрични автомобили се полнат преку ноќ, кога побарувачката на домаќинствата за електрична енергија е најниска.