Toyota дефинитивно изненади на саемот за потрошувачка електроника во Лас Вегас, CES 2018, со претставување на својата визија за мобилноста во иднина

Најголемо внимание привлекува нивниот концепт e-Palette, кој е целосно автоматизиран автомобил на батерии и кој може да се прилагоди на потребите на корисникот. Значи, e-Palette може да биде камион, такси, мобилен хотел…

Возилото има отворен ентериер кој се прилагодува на моменталните потреби. Значи, во еден момент од товарно возило може да стане автономно патничко возило или пак комерцијално возило.

Надворешно Toyota e-Palette изгледа како футуристички минибус, но без предно стакло или возач.

Софтверот е базиран на отворен код кој им овозможува на корисниците сами да инсталираат сопствен автоматизиран систем за контрола и користење на возилото.

„Мојата цел е да ја претворам Toyota од автомобилска компанија во компанија која се занимава со мобилност. Нашите конкуренти веќе не се само производители на автомобили. За компании како Google, Apple и Facebook размислувам во текот на ноќта“, изјави на презентацијата Акио Тојода.

Концептот на Toyota е многу интересен, но повлекува и многу прашања. Од тоа како законски да се регулира употребата на возило кое може да ја менува својата цел до тоа како да се решат потенцијалните проблеми со гужва на патиштата.

Во секој случај, ќе биде интересно да се види дали овој концепт на Toyota може да заживее, барем како лесно превозно средство во градските центри.