Поранешен вработен во компанијата Tesla против својот поранешен работодавец поднел тужба во која се наведува производителот на автомобили од Калифорнија свесно продавал неисправни возила

Адам Вилијамс, човек кој за компанијата Tesla работел како регионален менаџер на продажба во Њу Џерси од 2011 до септември 2017 година против својот поранешен работодавец поднел тужба во која, меѓу другото, се наведува дека прво е префрлен на пониска позиција, а после тоа и отпуштен, а се тоа поради тоа што на своите претпоставени им изнел забелешки за нелегална пракса во компанијата.

Имено, Вилијамс навел дека во времето додека работел за компанијата Tesla е сведок на бројни повреди на правата на потрошувачите, а најочигледни се оние кога на клиентите Tesla им продавала неисправни возила или возила со дефекти, по пониска цена како тест или позајмено возило.

Вилијамс наведува и имиња од компанијата Tesla, односно дека се што е наведено го правеле Регионалниот менаџер за источниот брег, Лени Пајк и заменик-претседателот на компанијата Џером Гиљен.

Со оглед на тоа дека Вилијамс наведува дека компанијата Tesla е вклучена во нелегални активности, неговиот адвокат поднел барање Вилијамс да биде означен како „свиркач“ (whistleblower), и неговиот случај да се води според законот кој ги штити работниците кои ќе се пријават и ќе одбијат да учествуваат во активности или однесувања за кои сметаат дека се нелегални.

Во изјавата за магазинот Verge, претставник на Tesla категорично ги негира сите обвиненија. „Нема причини за тужбата. Целата тужба на г-дин Вилијамс е неоснована и лажна. За работите кои тој ги наведува во компанијата Tesla нема место“.

Тој додава дека автомобилите на оваа компанија се на врвот на многу листи на задоволни клиенти, а Вилијамс е отпуштен бидејќи тој остварувал лоши резултати.