Планираниот почеток на работа на првите комерцијални мрежи од петта генерација е предвиден за 2020 година, а веќе сега во погон се и неколку кои се тестираат. Секако, патот до комерцијализација е долг и ќе биде потребно извесно време за доделување на концесии.

Во овој момент нема многу детали за спектарот на фреквенции на кои ќе работат 5G мрежите, иако GSM асоцијацијата има одредено неколку критериуми кои треба да послужат како стандард:

• 1-10 Gbps вистинска брзина, не максимална
• 1 милисекунда end-to-end каснење
• 1000 пати поголем bandwidth
• 10-100 пати поголем број на поврзани уреди
• 90% перцепција на достапност
• 100% перцепција на покриеност
• 90% намалена потрошувачка на енергија
• До 10 години траење на батеријата за мали IoT уреди

Се разбира, овие стандарди нема лесно да се достигнат, а некои сигурно ќе треба дополнително да се појаснат или доработат. Кога мрежите од петтата генерација конечно ќе проработат, сигурно дека ќе донесат повисоки брзини на преземање, што е најважно за повеќето корисници. Дури и некои од сегашните LTE-A мрежи достигнуваат теоретски брзини до 1 Gbps, но во 5G мрежите, според овие критериуми, тоа треба да биде минимум.

Во вакви услови, преземањето на филмови со висока резолуција ќе се мери со секунди, а целокупниот впечаток при видео стриминг ќе биде многу подобар. Можеби многумина ќе кажат дека оваа приказна можеше да се слушне кога беше лансирана и првата 4G мрежа, но тоа треба да се знае дека во тоа време практично и немаше 4K видео клипови, а филмовите со највисока резолуција се преземаа значително подолго. Сега, тоа време практично е сведено на пет до шест минути, во зависност од квалитетот на сигналот. Во 5G мрежите, ова време можеби ќе биде сведено на 5 секунди, но со текот на времето, ќе растат и резолуциите, квалитетот на звук и други аспекти, така да сигурно повторно ќе расте и потребното време за таква содржина.

Покрај брзината, 5G мрежите донесуваат и повеќе канали. Целта на ова е зголемување на капацитетот и овозможување на поврзување на 10 до 100 пати повеќе уреди, со оглед на тоа дека 5G технологијата во голема мера се потпира на IoT (Internet of Things) или различни мали уреди. Овде не се мисли само на паметни часовници и други носиви уреди, туку и паметни картички, токени и многу други електронски уреди, чија употребливост ќе се подигне на повисоко ниво кога еднаш ќе бидат поврзани на Интернет и кога ќе може да им се пристапи на оддалеченост преку компјутер или паметен телефон.

Покриеноста или перцепцијата на покриеност од 100% нема да биде лесно да се постигне, а голем дел ќе зависи од фреквентниот спектар. Правилото вели – што помала фреквенција, толку е поголем дометот на сигналот, но и тоа може да се промени со негово засилување. Тука доаѓа замката со императивот за помала потрошувачка на енергија, но треба да се види како GSMA воопшто замислила 90% намалување на потрошувачката.

Покрај часовниците и картичките, 5G ќе поддржуваат и паметните телефони, но масовна појава на оние со поддршка за 5G не треба да се очекува скоро, барем не оваа година. Можно е производителите на почетокот да лансираат само некои модели кои ќе поддржуваат 5G, за мрежата да може да се тестира, а 5G како стандард во мобилните телефони може да тргне од следната или 2020 година, кога мрежите комерцијално ќе бидат достапни.