Porsche најавува нова генерација на моделот 911, а премиерата се очекува оваа есен

Германскиот производител ги објави првите официјални фотографии од „992“ Porsche 911, кој наскоро ќе го замени сегашниот модел.

Иако на фотографиите е прикажан пред-продукциски маскиран автомобил, силуетата и пропорциите на возилото се типични за 911-та, чиј дизајн од генерација во генерација се развива, но секогаш останува суштински верен на оригиналниот модел од 1960-тите години.

Porsche за сега не открива детали за новиот модел, но извесно е дека 911-та и со следната генерација ќе ги задржи конвенционалните бензински мотори, додека од опцијата со хибриден погон не дели период од 4-5 години.

Спецификациите за моторната гама за 911 се уште се непознати, но се шпекулира дека Turbo S верзијата ќе има унапреден 3.8-литарски мотор со 6-цилиндри и околу 630 КС, додека регуларниот Turbo треба да се развива блиску до 600 КС.

Porsche 911 992 ќе користи модифицирана MMB механичка платформа, која, благодарение на зголемената употреба на алуминиум и челик со висока цврстина придонесува за севкупно намалување на тежината на возилото.

Дебито на новата генерација се очекува на Салонот за автомобили во Париз во октомври, прво во купе верзија, по што ќе следи кабриолетот и други подваријанти, вклучувајќи и нов Targa модел.