Една од најочекуваните премиери за оваа година се одржа во Амстердам, каде Mercedes-Benz на специјален ивент го претстави ја претстави новата генерација на A-класата. Моделот добил ревидиран дизајн, нов ентериер, најсовремена технологија и зголемен асортиман на моќни единици

Што се однесува до дизајнот, новата четврта генерација на А-класата изгледа многу поагресивно од претходната. Линиите на дизајнот потсетуваат на оние од концептната А-класа во лимузинска изведба, како и оние на CLS од новата генерација Имено, на предниот дел од автомобилот доминираат триаголни фарови лоцирани на левата и десната страна од широката маска на ладилникот. Поинакви се и воздушните отвори и дневните светла интегрирани во фаровите. Бидејќи се базира на MFA2 платформата, меѓуоскиното растојание е повисоко за 30 милиметри. Должината на автомобилот е 4.419 mm, што е 127 mm повеќе од претходно.

Кога станува збор за внатрешноста, откриена во целост уште кон крајот на минатата година, опремена е со голем број на технологии и гаџети. Првата и највпечатлива промена се двата екрани кои изгледаат како да се преземени од некој скап автомобил на компанијата, со тоа што овие екрани излегуваат од рамката на командната табла и не се интегрирани во неа (како што е случај со Е-класата).

Новата А-класа е првиот модел на компанијата со новиот Infotainment System MBUX, кој за првпат беше претставен на Саемот за потрошувачка електроника во Лас Вегас на почетокот од годината. Она што MBUX го прави поинаков е неговата способност за учење благодарејќи на технологијата за вештачка интелигенција која потенцијално создава емоционална врска помеѓу возилото и возачот/патниците.

Основниот модел ќе има два екрани со големина од 7 инчи, додека моделот од средината на понудата па нагоре ќе има екран на инструмент таблата од 7 инчи и екран од 12,3 инчи за инфо-забавниот систем. Сината и жолтата боја се само некои од 64-те бои за амбиенталното осветлување.

Воланот е добро познат, поради тоа што е преземен од S-класата, така што воведниот модел на Mercedes добил премиум изглед. Истото се однесува и на малите воздушни отвори кои личат на оние од купе и кабриолет верзиите на Е-класата. Што се однесува до седиштата, од Mercedes истакнуваат дека наликуваат на оние од повисокиот сегмент и дека А-класата е првиот автомобил во својот сегмент чии седишта се развивани со користење на компјутерски симулации. Купувачите ќе имаат избор од три типа на предни седишта.

Волуменот на багажникот сега е зголемен за 29 литри споредбено со претходната генерација и изнесува 370 литри. Во салонот има повеќе места за рамената, лактите и главата на патниците и на предните и задните седишта.

Новата генерација на овој хечбек модел ќе се продава со дури девет погонски опции кои ќе бидат поврзани со шест-брзински мануелен или седум-брзински автоматски менувач. Тука влегува и ново развиениот 1.3-литарски бензински мотор кој е производ од соработката со Renault (веќе се наоѓа во моделите Renault Scenic i Grand Scenic). Во гамата има уште еден мотор кој Французите го сакаат – 1.5-литарски dCi дизел кој ќе се најде во A160d верзијата од новата генерација на А-класата.

Покрај овие, во понуда ќе се најдат и две перформантни изведби на овој модел, кои ќе бидат означени како AMG A35 и AMG A45. Првата ќе се има 2-литарски дизел мотор со турбо полнач, кој ќе произведува околу 340 коњски сили, додека во вториот се наоѓа истата единица, но ќе произведува 400 коњски сили.

Да не заборавиме и на технологиите кои се на големо позајмени од Ѕ-класата, а вклучуваат Active Distance Assist, Active Emergency Stop Assist, Active Lane Change Assist и Active Brake Assist (стандард), PRE-SAFE Plus…

ФОТО ГАЛЕРИЈА

[useyourdrive dir=”1UFJhlB_EfMJC3eSjJorCOs-WVv0_lgg9″ maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]

ВИДЕО