Opel ќе го заобиколи овогодинешниот Саем на автомобили во Женева. Германската марка е под притисок од новите сопственици, PSA Group, да ги намали трошоците, во обид да ги неутрализира долгорочните загуби

По дебито на седум нови модели минатата година, вклучувајќи ги Grandland Х и Crossland X кросовер моделите, Opel и сестринскиот Vauxhall, не планираат значајни премиери во текот на 2018 година.

Портпаролката на PSA изјави дека салоните за автомобили се една од маркетиншките алатки, но „ако нема нови производи, тогаш производителите немаат причина да бидат присутни“, вели тaa.

Во Женева отсуство е најавено и на DS, но не и на Peugeot и Citroen кои ќе откријат нови возила.

Во последно време, се доведува во прашање релевантноста на скапите автомобилски изложбени настани, така што производителите се повеќе организираат настани во сопствена режија, следени преку интернет, или пак своите нови технологии ги претставуваат на специјализирани саеми, како што е на пример CES (Саемот за потрошувачка електроника) во Лас Вегас. Тука се и оние помали, но престижни настани како на пример Фестивалот на брзина во Гудвуд.

Peugeot и DS го заобиколија минатогодишниот IAA во Франкфурт, заедно со Nissan, Fiat, Volvo и Jeep. Ford, Volvo и Mazda не се појавија во Париз.

Барем досега, Женева беше исклучок кога станува збор за откажување на присуството на големите автомобилски компании, главно поради отсуствотото на фаворизирање на домашни производители. Ова е една од ретките манифестации на кои се појавуваат сите големи луксузни брендови.

Opel објави дека ќе се фокусира на сопствени настани. На големите салони ќе излезат само кога ќе имаат силни деловни и маркетинг причини.

Бизнис планот на Opel наречен „Темпо“ има за цел да се постигне оперативен профит од 2 отсто до 2020 година, а основно средство за постигнување на ова се зголемена ефикасност и намалување на трошоците. PSA веќе го намали бројот на работни часови во германските фабрики на Opel, а укинати се и работни места во фабриката на Vauxhall во пристаништето Елсмир, Англија.