Од следната сезона без девојки на стартниот грид во F1?!

0

Првите луѓе на Formula 1 најавија големи промени за новата сезона која започнува на 25 март 2018 година со ГН на Австралија. Сепак, една од најавите ги предизвика љубителите на најбрзиот „циркус“ во светот оправдано да се прашуваат дали воопшто овие луѓе имаа „чувство“ за овој спорт

Имено, како што пренесуваат специјализираните Formula 1 интернет страни, сопствениците, американската корпорација Либерти Медиа, сериозно размислуваат за отстранување на девојките од стартната линија.

Девојките кои со децении се неизоставен дел од најбрзиот „циркус“ во последниве години се деликатна тема, со оглед на многуте критики за третманот на жените како објекти, но и поради сексуални предрасуди.

Наводите ги потврдува и генералниот менаџер на Formula 1, Рос Брон, најавувајќи дека на почетокот од следната сезона на стартната линија би можело да се најдат само возачите, болидите и нивните механичари.

„Ние сакаме да го почитуваме мислењето на сите страни. Постојат многу луѓе на кои им е важна традицијата, а има и такви кои мислат дека „девојките на стартната линија“ се надминати. Ние ги разгледуваме ставовите на двете страни“, вели директорот на Formula 1, Рос Брон.

„Девојките на стартната линија“ на Formula 1 трките се користат пред се во промотивни цели, за реклама на спонзорите преку облека, чадори и слични реквизити, а по завршувањето на настанот формираат шпалир низ кој најдобрите стигнуваат до подиумот.

„Тоа е нешто со што растевме. Уште кога бев дете гледав во девојките со чадори. Тоа беше нешто што на спортот му носеше атрактивност“, вели возачот на Red Bull Даниел Рикардо.

Како и да е, ако овие најави се остварат, за прв пат во историјата на авто-мото спортот воопшто, ќе се случи „раскинување“ помеѓу овие две за многумина неразделни страни.



Loading...
Споделете.

Коментарите се затворени.