Новата Toyota Supra ќе носи ознака Gazoo Racing, а на купувачите ќе им биде понудена и во верзии Supra, Supra GR, Supra GR Sport и Supra GRMN, во 2019 година

Реинкарнираната Supra, Toyota на светската публика ќе ја претстави за само неколку недели, најверојатно преку интернет, бидејќи официјалната презентација веќе е закажана за време на одржувањето на Салонот за автомобили во Женева во почетокот на месец март. Спортскиот автомобил, развиен во партнерство со BMW, во продажба нема да биде со логото на Toyota, туку амблемот на Gazoo Racing.

Инсајдерски информации сугерираат дека новата Supra ќе биде диференцирана во четири основни нивоа: базна Supra, Supra GR, Supra GR Sport и на крајот Supra GRMN. Може да се очекуваат значително различни перформанси, но исто така и значителни ценовни разлики помеѓу Supra и GR sport, заедно со различно подесување на суспензијата, зависно од верзија до верзија.

„Новата Supra ќе биде потпишана од Gazoo“, изјави неодамна шефот на одделот за перформанси, Шигеки Томојама. Веста исплива во јавност откако тимот на Gazoo Racing беше вклучен на повисоко ниво во процесот на развој на овој автомобил и откако првиот човек на Toyota, Акио Тојода го тестираше возилото и заклучи дека мора да биде „помобилно“.

Братскиот модел во однос на Toyota Supra, BMW Z4, во продажните места се очекува во текот на оваа година, за разлика од моделот со потпис на Gazoo кој, според зборовите на Томојама, на пазарот ќе пристигне дури во втората половина на следната година.

Додека родстерот на BMW ќе биде понуден само во кабриолет издание, Supra ќе има купе стил, односно нема да има подвижен кров. Многу е веројатно дека моделите со потпис на Gazoo ќе користат поголеми, 6-цилиндерски агрегати.

„Новиот модел односно неговата примарна цел е да им се допадне на сегашните сопственици. Старата Supra во оваа верзија, имаше реден агрегат со 6-цилиндри, два турбополначи, погон на задните тркала. Новата верзија мора да следи идентична филозофија“, додава Томојама.

Постои веројатност Toyota и Gazoo да одлучат да ја преземат хибридната технологија од нивниот спортски автомобил, дел од трката во Ле Ман. Новиот модел треба да има маса помеѓу 1.200 и 1.500 килограми, при што како референтни автомобили, Gazoo ги искористил легендарните модели како BMW M4 Coupe и Porsche 911.

Како и со сите други GR модели, како на пример Yaris GRMN, така производителот ќе понуди широк опсег на компоненти за дополнително тјунирање. Цените ќе бидат објавени непосредно пред појавата на новитетот во продажните салони.