Vivo го претстави првиот паметен телефон со вграден сензор за отпечаток од прст на самиот екран, а овие сензори може да се очекуваат и на други врвни модели на телефони

Откако од Synaptics кон крајот на минатата година најавија сензор за отпечаток од прст имплементиран на екранот, деновиве на CES во Лас Вегас, Vivo го претстави првиот паметен телефон кој доаѓа со ваков сензор. Иако од Vivo не се објавени никакви дополнителни информации за телефонот (прототип, но блиску до финална верзија) како што се хардверски спецификации, цена и датум на лансирање, новинарите кои го испробале нивниот уред или технологија истакнуваат дека истата функционира онака како што треба односно технологијата е подготвена за употреба на други телефони. Ова е голема работа, бидејќи сензорот на Synaptics во иднина можеме да го очекуваме со новите топ модели на Samsung, Apple, Huawei…

Иако досега компаниите користеа алтернативни решенија, како на пример инсталирање на сензор на задниот дел на телефонот, односно систем на сензори и камери, како на iPhone X, на овој телефон на Vivo интегрираниот сензор е целосно невидлив, додека телефонот се користи – но, при отклучување телефонот (односно во ситуации кога е потребно да се користи сензорот за отпечатоци) на екранот ќе се прикаже син круг на кој треба да се стави прстот за да го отклучите телефонот, да потврдите плаќање и слично. Треба да се напомене дека сензорот на Synaptics работи само со OLED екрани, но не и со конвенционалните LCD екран и при тоа е малку побавен од сегашните сензори, но се уште доволно брз за непречено работење со вашиот телефон.

Бидејќи оваа технологија е поскапа, на почетокот овој интегриран сензор за отпечатоци може да се очекува само во поскапите модели на паметни телефони, а на крајот најверојатно ќе стане стандард на повеќето паметни телефони.