Еден од најголемите производители на автомобили во светот, компанијата која тврди дека минатата година продала најмногу возила, германскиот Volkswagen, по скандалот Dieselgate, се најде во центарот на нов скандал

Според новите извештаи на New York Times, компанијата од Волфсбург во рамките на кампањата на чисти дизел мотори, спровела експеримент во кој невини примати, мајмуни, биле подложени на штетни издувни гасови од дизел моторите на VW Beatle, познат како „буба“.

Ова се случило во 2014 година, во Албукерки, Ново Мексико, пред Volkswagen да биде прогласен за виновен за измама на тестовите за емисија на штетни гасови односно пред скандалот Dieselgate.

Volkswagen финансирал експеримент кој во суштина имал за цел да докаже дека модерните дизел мотори не се штетни за здравјето, како постарата генерација.

Од оваа причина, научниците десет мајмуни сместиле во затворени комори во кој се испуштале штетни гасови, додека нивното внимание било држено во друга насока со цртани филмови на телевизија. Сепак, научниците во тоа време не знаеле дека возилата на компанијата биле опремени со нелегален софтвер и со тоа не биле свесни колку всушност ги загрозиле животите на мајмуните.

Бидејќи ова е откриено пред неколку дена, претставници на компанијата веќе издадоа изјава во која тие се извинуваат за своите постапки. „Ние знаеме дека научните методи кои се користеле во тоа време се погрешни. Ќе беше подобро ако уште на стартот се откажевме од ваквите тестови. Сега молиме за прошка за лошото однесување и слабата процена на поединци“.

Една година по овој експеримент, Volkswagen со помош на специјален софтвер мамеше на тестовите на штетни гасови од дизел моторите во САД, што по бројните казни и вонсудски договори компанијата ја чини 30 милијарди долари.

Американските медиуми пренесуваат дека овој експеримент бил поддржан и од други германски производители на автомобили како што се Daimler (Mercedes) и BMW, а VW ја предводел организацијата со помош на Европскиот Институт за истражување.

На ова коментира и претставниците на Daimler од каде велат тие ќе испитаат што се случило и сметаат дека експериментите со животни се непотребни и неприфатливи.