Следната генерација на Mercedes-Benz GLS ќе го „роди“ и првиот ултра-луксузен SUV под ознаката Maybach

Дебито на концепт варијантата на Mercedes-Benz GLS со ознака Maybach е најавен за Автомобилскиот саем во Пекинг следниот месец. Како што е најавено, концептот во голема мера ќе биде инспирација за производствената верзија која би можела да се појави во 2019 година.

Во Mercedes очекуваат Maybach SUV моделот да ги помрси сметките на конкуренцијата во премиум сегментот, каде што веќе се Bentley Bentayga, Range Rover SV и најавениот Rolls-Royce Cullinan.

Следната генерација на моделот GLS ќе се базира на новата Modular High Architecture платформа, која всушност е надградена верзија на MRA платформата на која се базираат бројни Mercedes автомобили со погон на сите тркала.

Maybach моделот ќе се истакнува со ултра луксузен интериер и специфична предна маска, а исто така ќе има и многу системи за автономно возење.

Под капакот на погонскиот агрегат треба да се најде 4.0-литарски twin-turbo V8 агрегат со повеќе од 500 КС, а Mercedes планира и 48V стартер-алтернатор кој ќе биде интегриран во секоја единица.

Повеќе детали за новиот Mercedes – Maybach GLS по премиерата следниот месец.