Италијанскиот Ferrari следната година ќе го претстави својот V8 хибриден мотор на база на пионерот од хибридниот модел LaFerrari во сериски модел, а шпекулациите велат дека бензинско-електричниот агрегат на Ferrari ќе биде претставен заедно со првиот SUV модел од Маранело

Директорот на групацијата FIAT Chrysler Automobiles (FCA) под која е и Ferrari, Серџо Марконе, го потврди доаѓањето на V8 Hybrid 2019, но не и во кој модел ќе биде поставен. Сепак, со оглед на тоа дека со месеци се шпекулира дека Ferrari својот прв SUV модел ќе го претстави во 2019 година, претпоставката е дека хибридниот V8 е наменет токму за него.

Најавените промени во Ferrari во чекор со новата „мода“ во автомобилската индустрија сепак не ги воодушевуваат сите вљубеници во овој бренд, за кого сметаат дека ќе ја загуби својата ДНК.

„Дали некогаш сте возеле хибрид на Ferrari? Кога ќе возите, сигурен сум дека веќе нема да ви недостасува V12“, вели Маркионе.

Сепак, првиот хибрид од Маранело во LaFerrari е 6.3-литарски V12 мотор со KERS систем, па ни оваа изјава не е некаква утеха за фанатиците на брендот.

Без оглед на се, дали тоа ќе биде V12 или не, без разлика дали тоа ќе биде хибрид или не, и покрај изјавата на Маркионе од пред една година дека само преку него мртов Ferrari ќе направи SUV, моделот е реалност и доаѓа за максимум една година и половина.

Пресвртна точка најверојатно е исклучително позитивниот прием за Lamborghini Urus, како и поместувањето на фокусот на FCA кон пазарите во САД и Азија, а таму побарувачката за електрични и SUV модели е се поголема.