На штотуку започнатиот Меѓународен саем за електроника (CES) во Лас Вегас, корејскиот производител ја покажа својата визија – концепт на електричен автомобил од иднината

Новиот електричен концепт е базиран на кросовер моделот Niro, а од компанијата велат дека ова возило е комбинација од „моќен дизајн“ и високо перформантна електрична погонска единица на батерија.

Niro EV е дизајниран во Јужнокорејското студио за дизајн на Kia и визуелно во голема мера се разликува од сериската верзија на моделот Niro.

Со оглед на тоа дека станува збор за електрично возило, нема потреба од ладилник и класична предна маска карактеристични за моделите со мотори со внатрешно согорување. Наместо решетката на ладилникот, сега има панел со интерактивен екран, каде што се испишуваат разни текстуални пораки.

Niro EV има нови фарови, спортски преден браник, додека задниот дел од возилото е исто така редизајниран со цел подобрување на аеродинамичните карактеристики на автомобилот. Патничката кабина има минималистички дизајн, а на контролната табла доминираат неизбежните дигитални дисплеи.

Возачот има можност да задава команди со гестови, па така, на пример, може да се управува со аудио системот (за изберање песни, засилување или намалување на тонот …) или пак климатизација.

Концептот Niro EV, вклучува и интерфејс помеѓу луѓето и машините (HMI), кој, според Kia, досега е „невиден“ и се карактеризира со мноштво модерни и идни технологии.

При влегување во автомобилот и завземање на позицијата зад воланот, возачот се „пријавува“ со користење на технологија за препознавање на лице и глас. Врз основа на ова, системот ги идентификува и автоматски ги прилагодува претходно дефинираните поставки на возилото за неговиот профил.

Niro EV погонот го добива од електричен мотор со 204 коњски сили (150 kW), кој се напојува од 64 kWh литиум-полимерна батерија. Според производителот, електричниот Niro може да помине околу 380 километри пред целосно да се испразнат батериите.

Kia веќе подготвува сериска верзија на Niro EV, а од компанијата велат дека до 2025 година планираат да понудат дури 16 електрифицирани модели на своите купувачи.