„Ова е чудно …“, „Иднина…“, „Зарем никој не го вози овој автомобил?“, се само некои од коментарите на луѓето во текот на возење со самоуправувачки автомобил, а на чии лица е забележлива возбуда, но и блага загриженост

Автономните автомобили веќе не се дел од иднината – тие се сегашност, а само оние на Google, односно Waymо, веќе имаат помината повеќе од 8 милиони километри. Оваа компанија веќе има дозвола да врши такси услуги со своите автономни возила во Аризона, а оваа услуга наскоро ќе почне со работа во Феникс.

Иако на почетокот во овие возила ќе мора да има возач кој ќе ја преземе контролата на возилото во случај на потреба, нема да помине многу време до моментот кога компјутерите и дефинитивно ќе бидат единствените возачи во овие автомобили.

Повеќето луѓе кои го испробале возењето во ваков автомобил досега го немаат стекнато вистинскиот впечаток бидејќи тие секогаш се возеле во автомобил во кој бил присутен и возачот (иако не управувал со возилото). Компанијата WAYMO веќе има дозвола за тестирање и без возач како „резерва“ па преку програмата Early Rider на луѓето од Феникс им го овозможиле првото целосно автономно возење.

Оваа недела, Waymo објави кратко видео во кое ги покажува реакциите на првите луѓе кои го испробале возењето во автомобили без возач. „Ова е чудно …“, „Иднина…“, „Зарем никој не го вози овој автомобил?“, се само некои од коментарите на луѓето во текот на возење со самоуправувачки автомобил, а на чии лица е забележлива возбуда, но и блага загриженост. Сепак, по почетната возбудата, дел од патниците се посветиле на стандардните работи што ги прават за време на нивните патувања – сурфање на мобилен телефон, снимање селфи или мала дремка.

Според она што може да се види на ова кратко видео на Waymo, се чини дека на луѓето воопшто нема да им биде проблем да се навикнат на овие автомобили – по првичната возбуда, кога ќе сфатат дека не постои голема разлика кога возилото е управувано од страна на компјутер а не од човек (во Google дури и тврдат дека компјутерите се подобри возачи), веројатно и ќе заборават дека се возат во автономен автомобил и ќе се посветат на нивните лични работи.

Инаку, покрај автономните автомобили, Waymo развива и камиони со кои управуваат компјутерите и најавуваат дека овие камиони наскоро ќе започнат со превоз на товар во центрите за податоци во Атланта. Иако компјутерите во камионите се уште треба „учат“, бидејќи возењето на автомобил и камион сешак не е исто, јасно е дека иднината им припаѓа на таквите транспортни возила, што за жал ќе значи отпуштање на многу возачи од нивните работни места – камиони, такси и доставни возила.