Mazda е еден од ретките производители на автомобили што во овој момент дава приоритет на развојот на постоечките мотори со внатрешно согорување, а не на електричниот погон

Јапонскиот производител неодамна најави нова генерација на бензински мотори со иновативна технологија, наречена SkyActiv-X, која ќе биде инкорпорирана во нивните идни модели.

Станува збор за првиот комерцијален бензински мотор во светот со компресивно палење, кој на почетокот од 2018 година освои две престижни награди за технички иновации.

Mazda оди чекор понапред и тврди дека возилата опремени со SkyActiv-X моторот благодарение на својата технологија, општо земено, се еколошки поприфатливи од денешните електрични автомобили.

Електричните возила важат за возила со „нулта емисија“, но само ако равенката не ја вклучува технологијата што се користи за да се направи електричната енергија, а тоа често вклучува согорување на фосилни горива.

Затоа во Mazda сметаат дека сегашниот метод за добивање на електричната енергија кој се користи за напојување на електричниот автомобил не е на задоволително ниво во однос на желбата на луѓето за намалување на емисиите на штетни гасови, главно јаглерод диоксид.

Поради оваа причина, јапонскиот производител се фокусирал на подобрување на постоечките бензински мотори за да ги направи што е можно поефикасни и помалку да ја загадуваат атмосферата.

Во својата анализа, Mazda потсетува дека две третини од светското производство на електрична енергија се потпира на фосилни горива.

„Не можеме да кажеме дека електричните автомобили се автомобили со „нулта емисија“, бидејќи не е пресметано загадувањето настанато при добивање на таа електрична енергија“, велат од јапонскиот производител.

Во Mazda се обиделе да направат пореални пресметки кога станува збор за емисиите на јаглерод диоксид од различни типови на возила, во зависност од погонскиот систем.

Оваа компанија притоа користела метод кој го следи загадувањето на воздухот од изворот на моќ, а не само „од резервоарот до тркалата на автомобилот“.

Така, за бензинските мотори е пресметана емисијата која вклучува екстракција и преработка на нафта и транспорт до крајните корисници, а за електричните мотори, начинот на добивање на електрична енергија.

Резултатите на Mazda покажуваат дека електрично возило со средна големина троши 20 kWh на 100 km.

Во случај да е користен јаглен за производство на електрична енергија (ектремен случај), пресметано е дека вистинската емисија на CO2 на електричниот автомобил би била 200 g/km.

Од друга страна, просечен бензинец со слична големина според пресметката на Mazda има емисија од 156 g/kmа, а ако се користи течен гас како гориво, емисијата ќе биде само 100 g/km.

Mazda, исто така, наведува дека, ако се вкалкулираат различни извори од кои денес се добива електрична енергија во светот, емисијата на електричен автомобил во просек би изнесувала 128 g/km.

Според нивните пресметки, модели со бензинскиот мотор на Mazda – SKYACTIV-G (со моќ слична на електричните возила) ќе емитува просечни 142 g/km CO2, ако се вкалкулираат емисиите од изворот на нафта до издувните цевки на автомобилите.

Компанијата верува дека, кога новирњ SKYACTIV-X бензински мотори ќе најдат примена, односот на емисијата на CO2 според оваа пресметка (од извор на енергија), дури и ќе се промени во корист на бензинците.

Иако во моментов е посветена на подобрување на моторите со внатрешно согорување, Mazda не се откажува од електрификација, но истата е одложена за блиска иднина.