На ударот на хакерите најчесто се наоѓаат оние кои најмногу ја нагласуваат важноста на интернет-безбедноста, а ги забораваат основите

Податоците не лaжат и навистина се страшни. Според извештајот на Norton Cyber Security Insights Report, само во 2017 година хакерите заработиле неверојатни 172 милијарди американски долари и тоа од 978 милиони жртви кои биле нападнати во 20 земји во светот. Во просек, секоја жртва „изгубила“ 142 американски долари.

Редовниот годишен извештај на Norton Cyber Security Insights Report, ни открива и како корисниците во глобала најчесто се на удар на вируси.

Дури 53 отсто од корисниците пријавиле вирусна инфекција или некоја друга закана за нивната компјутерска безбедност. На второ место се картичните измами, проследено со откривање на лозинки, неовластен влез или хакирање на e-mail-от или профили на социјалните мрежи и како трето, измами за време на онлајн купувања.

Авторите на извештајот предупредуваат дека на удар на хакерите најчесто се наоѓаат оние кои најмногу ја нагласуваат важноста на безбедноста на интернет. Заеднички карактеристики на најчестите жртви на хакерите се: премногу се сигурни во знаењето за безбедноста на интернет, користат повеќе различни уреди и забораваат на основите (користат нови техники на осигурување како отпечаток од прст, но имаат иста лозинка на различни сервиси).

Интересно, но како највнимателни корисници се покажуваат постарите лица (над 60 години), кои иако во голем број лозинката ја запишуваат настрана на парче хартија и не прават сигурносни копии на нивните податоци, сепак во голема мера користат различни лозинки за различни услуги.

Проблем има во категоријата на родителите кои, иако се плашат што нивните деца ќе пронајдат на интернет, само во една третина од случаите контролираат што прават нивните деца додека сурфаат или играат видео игри.

И покрај се почестите хакерски напади и безбедносни слабости, корисниците и понатаму веруваат во големите компании и институции кои имаат обврска да ги заштитат нивните податоци, за разлика од довербата во владите и државните институции кои би требало да управуваат и да ги чуваат нивните податоци.

Како да се заштитите од хакерски напади?

Од Symantec советуваат неколку работи кои би требало да ги заштитат корисниците.

Смислете совршена лозинка: Не ја врзувајте лозинката со некои податоци кои се јавно достапни и би можеле да им помогнат на хакерите да ја погодат (имиња на деца, миленичиња, адреса …). Наместо тоа, користете фраза која се состои од серија зборови кои се лесни за помнење, но е тешко да се погодат. Колку е подолга лозинката, толку подобро.

Внимавајте што правите на јавна Wi-Fi мрежа: Сурфање на слободни безжични мрежи изгледа отприлика како јавно гледање телевизија – секој гледа што правите. Затоа, не користете бесплатни мрежи за плаќање сметки, проверка на e-mail, проверка на Facebook.

Менувајте ги фабричките лозинки. Повеќето паметни уреди кои ги купуваме и поврзуваме на нашиот дом (рутери, паметни термостати, принтери …) имаат некој вид на стандардна лозинка која е многу лесно да се погоди и затоа треба веднаш да ја промените. Не заборавајте вашата домашна мрежа да ја заштитите со силна енкрипција.

Не отворајте сомнителни пораки. Размислете два пати пред да отворите e-mail кој доаѓа од непознат испраќач или чија адреса не се поклопува со вообичаената комуникација од некој познат испраќач. Не кликнувајте на линкови во сомнителни e-mail пораки и никогаш, ама никогаш, не оставајте лични податоци (корисничко име и лозинка) на други сајтови, кои се кријат зад овие линкови.