Американските истражители пронашле потенцијално нелегален софтвер во дизел возилата на Mercedes-Benz, кој го олеснил успешното завршување на емисионите тестови, пишува Bild am Sonntag

Истражителите идентификувале функција за управување со работата на моторот наречена Slipguard, а чија функција е препознавање на услови на тестирање во однос на штетните емисиите. Препознаена е уште една сомнителна карактеристика, наречена Bit 15, како одговорнa за деактивирање на контролата на издувните гасови, по изминати 26 километри, се вели во доверливи документи.

Овие функции им овозможувале на автомобилите да испуштаат и до десет пати повеќе азотни оксиди од законски дозволените нивоа. Доверливите документи содржат и електронска преписка помеѓу инженерите на Mercedes во кои меѓусебно се прашуваат дали таквите софтверски решенија се легални.

Лицето одговорно за односи со јавноста во рамките на компанијата Daimler, одбива да ги коментира наводите од овој „протечен“ документ во јавноста, само наведувајќи дека неговата компанија ја дава целата потребна поддршка на американските истражни органи, како и дека се согласува да се зачува доверливоста на постапките со Министерството за правда на САД.

Daimler се соочува со истраги на американските и германските власти за прекумерно ниво на штетни емисии од дизел агрегатите. Се наведува дека резултатите од истрагата, може да доведат до огромни трошоци на име парични казни, отштета и отповикувања.

„Властите знаат за документите, а жалби не се поднесени“, рече портпаролот на Daimler. „Документите кои се достапни на Bild am Sonntag се објавени селективно, со јасна намера да се загрозат интересите на нашата компанија и 290.000 вработени“.