Илјадници британски возачи управуваат дизел автомобили, од кои е деинсталиран филтерот за прочистување на издувните гасови, укажуваат резултатите од истражување спроведено во Велика Британија

Филтерот за прочистување на издувните гасови во дизел возилата, е одговорен за филтрирање на голема количина на гасови настанати од процесот на согорување, па затоа автомобилите без него се со висок ризик од собирање на нечистотии и скапи дефекти. Замената на амортизираниот филтер може да чини и до илјада фунти, па многу возачи во Велика Британија се сетиле на „генијално“ решение – отстранување од системот за издувни гасови од автомобилот, за сума од неколку стотини фунти колку што чини оваа постапка.

Од правна гледна точка, тоа изгледа вака: бидејќи приватната сопственост е недопирлива, возачите имаат право да вршат отстранување на DPF од своето возило. Сепак, возењето на возило од кое е отстранет DPF е веќе сосема нешто друго. Всушност, секој кој ќе биде фатен при возење на ваков автомобил ќе биде казнет со сума која се движи од 1.000 до 2.500 фунти, во зависност од тоа дали управува со патнички автомобил или комби возило.

Дури 1.800 дизел возила на патиштата во Велика Британија се идентификувани од страна на Националната агенција за почитување на стандардите за патнички автомобили, со отстранети филтри за прочистување на издувните гасови. Сопствениците на инкриминирани возила, најверојатно, не се свесни за фактот дека издувните гасови од дизел моторите се заслужни за околу 38.000 прерани смртни случаи, според Светската здравствена организација, а може да влијаат и на здравјето на белите дробови и срцето.

Филтрите за прочистување на издувните гасови функционираат така што ги задржуваат штетните материи и ги врзуваат за себе, а потоа, користејќи топлинска енергија генерирана од погонскиот агрегат, ги горат и испуштаат во атмосферата во безбедна состојба. Процесот на согорување на нечистотиите се одвива само при екстремно високи температури и е возможен само при долги патувања на автопат.

Градскиот циклус на возење, со многу појди/застани моменти, не обезбедува услови за да се постигне доволно висока температура, што предизвикува побрза акумулација на нечистотии во филтерот, и предвремен дефект.

Со отворање на мал отвор на омотот од филтерот, кој служи филтерот да се отстрани од лежиштето, а со тоа и да се отстрани од системот за прочистување на издувните гасови, па потоа и со заварување на отстранетите плочки назад на куќиштето од филтерот, се оставаа впечаток дека се е на свое место. Прописите во Британија во моментов наложуваат само визуелна инспекција на филтерот, при што не може лесно да се открие отсуство на DPF. Освен тоа, испитувањата за издувни гасови не се доволно сигурни за да се утврди отстранување на предметниот филтер. Оваа состојба сигурно ќе остане до мај 2018 година.

За овој вид на ароганција и бескрупулозност, широко распространета, и тоа во Велика Британија, би рекле дека казните се премногу благи.