Продажбата на автомобили во Европската унија во 2018 година веројатно ќе падне за 1 отсто, велат од индустриската асоцијација ACEA, предупредувајќи дека се построгите прописи кои се однесуваат на емисиите на штетни гасови и Brexit претставуваат главна закана

Минатата година, бројот на регистрации на нови патнички возила, се зголемил за 3,4 проценти, четврта година по ред, достигнувајќи повеќе од 15 милиони возила за прв пат по 2007 година.

Претседателот на ACEA, Карлос Таварез, кој е директор и на групацијата PSA, новите прописи на ЕУ во однос на емисијата на јаглерод диоксид ги посочува како главен фактор за забавување на продажбата, како и недостатокот на предвидливост на пазарот поради излезот на Велика Британија од евро блокот.

„Пред темелната промена во регулативата на ЕУ која е пред нас, особено што се однесува до новите цели за емисиите на CO2 за автомобили и ванови, заедно со заканата предизвикана од Brexit, опоравувањето е на стаклени нозе“, рече Таварез. Португалскиот бизнисмен исто така, вели дека поради предлозите на Европската комисија кои наложуваат промоција на возила со ниска емисија“, не се доволно разгледани и други алтернативи“ покрај електричните автомобили.

ACEA верува дека периодот на транзиција поврзан со Brexit треба да биде повеќе од три години, наместо помалку од две, како што претходно беше предвидено.

„Тоа е тешка задача за нашата индустрија да донесе одлуки за инвестиции без да знае што е пред нас“, вели Таварез.

Од ACEA велат дека дополнителното време ќе му овозможи на бизнисот да се „прилагоди на новата реалност и овозможи клучните објекти, како што се инфраструктурата, да бидат изградени на ниво што може да се справи со дополнителни барања“.